Северна Кореја извршила „клучно тестирање“, но не се знае што било тестирано

3

Северна Кореја соопшти дека вчера извршила уште еден тест на локација за лансирање сателити, објави државната новинска агенција КЦНА.

Агенцијата пренесе дека „клучна“ проба била извршена во центарот Сохае, за кој претставници на САД тврдат дека Пјонгјанг ветил дека ќе го затвори, пренесува Ројтерс.

КЦНА настанот го оцени како „успешен тест од големо значење“, кој дополнително ќе го зајакне нејзиниот „капацитет за стратегиско нуклеарно одвраќање“, но не прецизираше што било тестирано.

Објавата доаѓа во време на притисок на Пјонгјанг врз американската влада околу рокот кој севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го постави за зачувување на нуклеарните преговори на двете земји.

Пјонгјанг пред неколку дена соопшти дека извршил „многу важно тестирање“ на истата локација, а основано се претпоставува дека станувало збор или за тестирање нов мотор за ракета за лансирање во вселената или за интерконтинентална балистичка ракета.

Новата објава може да навестува дека Северна Кореја се спрема за провокација кон САД доколку Вашингтон не направи отстапки и не ги одржи во живот преговорите.