Северна Кореја им се закани на САД: Скапо ќе платите!

8

Северна Кореја во саботата одговори на критиките од САД поради состојбата на човековите права во оваа земја и порача дека „злонамерните зборови“ на Вашингтон само ќе ја зголемат напнатоста на Корејскиот полуостров, пренесе државната новинска агенција KCNA.

Портпаролот на министерството за надворешни работи во Пјонгјанг за агенцијата изјавил дека САД би можеле „скапо да го платат“ прозивањето на севернокорејската влада поради кршење на човековите права.

Генералното собрание на ОН во средата го осуди „долготајното и постојано“ кршење на човековите права во Северна Кореја во својата годишна резолуција која ја поддржаа многи земји меѓу кои и САД, а која ја отфрли амбасадорот на Пјонгјанг во светската организација.

Ова е првото соопштение на севернокорејското министетство за надворешни работи откако американскиот специјален претставник за Северна Кореја, Сивен Биган, во понеделникот го повика Пјонгјанг да се врати на преговорите. Изостана директен одговор на повикот на Биган.

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер рече во петокот дека и натаму верува оти САД може да ги обноват преговорите со Северна Кореја. Но се приближува крајот на годината и рокот кој Пјонгјанг го постави Вашингтон да направат отстапки во преговорите за севернокорејското нуклеарно и балистичко вооружување. Северна Кореја повторно ги повика САД да ја отфрлат својата „непријателска политика“ пред почетокот на новите преговори.

Тензиите меѓу двете земји повторно пораснаа последните седмици откако Северна Кореја изведе низа тестирања на оружје и вербално војуваше со американскиот претседател Доналд Трамп. Експертите велат дека Северна Кореја можеби се подготвува за тестирање на интерконтинентален балистички проектил како ветениот „божикен подарок“ за САД што може да води во поостар судир.