Северна Кореја им се заканува на САД: Од нив зависи кој божиќен подарок ќе го одберат

6

Северна Кореја во прикриено предупредување објави дека „целосно зависи од САД кој божиќен подарок ќе го одберат”.

Ри Тае Сонг, заменик министер за надворешни работи на Северна Кореја, рече дека крајот на годината го означува и крајот на периодот што земјата го одреди за САД да понудат заемно прифатливи услови за договор, се вели во изјавата пренесена од државната новинска агенција КЦНА.

Тае Сонг го обвини Вашингтон дека е „заинтересиран да добие време“, а не да прави отстапки.

„Дијалогот што го бараа САД, во суштина, не е ништо друго туку будалест трик осмислен да ја задржи ДПРК обврзана за дијалог и да ја искористи во полза на политичката ситуација и изборите во САД“, рече Тае Сонг, користејќи го официјалното име на Северна Кореја, ДПКР (Демократска народна Република Кореја).

„Сега останува изборот на САД, кој во целост зависи од нив кој божиќен подарок ќе одберат да го добијат“, додаде тој.

Експертите и јужнокорејските медиуми изјавата ја гледаат како закана дека Северна Кореја би можела да го укине мораториумот за нуклеарни и ракетни тестови со долг дострел.

Преговорите запреа по неуспешниот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун во февруари во Виетнам.

Двете страни не можеа да се договорат за следниот чекор кон ублажување на тензиите и Северна Кореја оттогаш истрела повеќе ракети со краток дострел во море.