Северна Кореја неуспешно лансира шпионски сателит

2

Северна Кореја вчера се обиде да лансира нов воен извидувачки сателит, но обидот не успеа, а потегот беше осуден од Јужна Кореја, Јапонија и САД.

Јужна Кореја објави видео за кое нејзината војска тврди дека го покажува неуспешниот обид за лансирање. Едноминутното црно-бело видео објавено од воениот штаб на Јужна Кореја покажува нешто што изгледа како експлозија на небото проследена со блесоци. Видеото е снимено со уред за надзор на јужнокорејски патролен брод.

Северна Кореја соопшти дека нејзиниот последен обид да лансира нов воен извидувачки сателит не успеал за време на лет. Првичните анализи покажаа дека причината е новоразвиен ракетен мотор на течно гориво, но се истражуваат други можни причини, јави севернокорејскиот државен медиум КЦНА.

Обидот дојде само неколку часа откако Пјонгјанг издаде предупредување дека ќе се обиде да лансира сателит до 4 јуни, кој ќе биде негов втор шпионски сателит во орбитата.

Јужнокорејските и американските власти веруваат дека ракетата експлодирала откако летала неколку минути, а воениот штаб на Јужна Кореја соопшти дека открила голема количина ракетни остатоци во морето само две минути по лансирањето.

Објектот лансиран од Северна Кореја исчезна над Жолтото Море, изјави за новинарите шефот на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши. Тој ја обвини Северна Кореја дека со лансирањето ги прекршила резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

САД го осудија лансирањето, „кое вклучуваше технологии директно поврзани со програмата за балистички ракети на Северна Кореја и се случи спротивно на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Лансирањето дојде неколку часа откако Кина, Јужна Кореја и Јапонија го завршија трилатералниот самит во Сеул