Селекторот Лекиќ го одреди тимот за квалификациите за ЕП во футсал до 19 години

4

 

Македонската футсал репрезентација до 19 години од четврток до сабота на домашен терен ги почнува квалификациите за Европското првенство кое во септември ќе се одржи во хрватскиот град Пореч.

Претквалификацискиот турнир што ќе се игра во салата „Јане Сандански“ во Скопје избраниците на селекторот Зоран Лекиќ ќе го отвораат против Германија, в четврток во 17:00 часот. Германија и Косово ќе се соочат ден подоцна во истиот термин, а во последниот натпревар противник на Македонија ќе биде Косово, в сабота 17:00 часот.

Пласман во главната квалификациска рунда ќе обезбеди првопласираната репрезентација, а квалификациите ќе ги продолжи во март во група со домаќинот Португалија, Словачка и Белорусија.

Селекторот Лекиќ за натпреварите од претквалификацискиот турнир во Скопје повика 15 играчи: Никола Спасовски (Железарец), Енис Фера (Арбен Бајрами), Стефан Тачев (Овче Поле), Малик Мемети (Арбен Бајрами), Милан Димитриевиќ (Академија ФФМ), Павел Русевски (Овче Поле), Кристијан Гавровски (Проект), Бојан Јанев (Проект), Игор Скеоаровски (Енхалон), Дамјан Ангеловски (Осогово), Никола Анчевски (Железарец), Стефан Груевски (Клими Кавадарци), Мустафа Шуајб (Карадаку), Јусуф Јосифовски (Јувентус), Теодор Наков (Мал Ајакс).