Семејството со новороденчето очекуваме денеска да ја напуштат Украина, изјави Османи

10

Семејството со новороденчето е извлечено од Харков, уште се во Украина, но се безбедни. Во комуникација сме и очекуваме денеска да ја напуштат Украина, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, нагласувајќи дека станува збор за долг пат низ големата земја. Османи кажа и за патот на уште едно семејство и за двајца македонски државјани.

„Денеска уште едно семејство од Запорожје со воз излегуваат од Украина, како и двајца поединци, наши граѓани од Киев, со автомобил се приклучени на еден конвој. Останатите 15 монитори од специјалната мисија исто така ја напуштија Украина. Така што, во моментот имаме само еден од тие вкупно 30-те монитори во рамки на специјалната мисија. Во контакт сме и разговараме со партнерските земји за да ги извлечеме сите безбедно од Украина“, рече Османи.

Другите граѓани, посочи, ги комуницирале вчера, бидејќи денеска обезбедиле еден коридор.

„Меѓутоа, прашањето е што со оние кои не можат да стигнат до местото каде што тргнува тој безбеден коридор поради различни причини – безбедносни причини, или немаат ниту гориво за да можат да се движат безбедно низ тој коридор, така што имаме неколку околности коишто ги имаме предвид. Во разговори сме за да создадеме коридори коишто се поблиску до нивното место на наоѓање“, вели Османи.