Сетјен за пеналот на Реал: Сѐ помалку го разбирам ВАР

27

Тешко извојуваната победа на „Кралевите“ на незгодното гостување во Билбао предизвика критики од таборот на Барселона кои се незадоволни што повторно судиите со помош ВАР немаа ист критериум при досудувањето пенал.

Стратегот на Каталонците, Кике Сетјен, вели дека секој ден сѐ помалку и помалку го разбира ВАР поради одлуките кои ги носи.

Победата на Реал кај Атлетик е од огромно значење поради тоа што е остварена кај лут ривал и терен каде што големите тимови тешко освојуваат победи. А Реал победи со килави 0:1 со гол од пенал досуден токму од ВАР.

Спорното е што истиот критериум при пенал за мадриѓаните не беше употребен во спротивна насока, во полза за Атлетик. Имено, кога Дани Гарсија несакајќи го згазна Марселу, судијата Хосе Луис Гонсалес Гонсалес со помош на ВАР досуди пенал, а потоа не го стори истото кога Серхио Рамос го згазна токму Дани Гарсија. Тоа во таборот на Барса не можат да го разберат.

REMOTE VIDEO URL

„Секој ден сѐ помалку и помалку го разбирам ВАР. Верувам дека имаме алатка која фудбалот го право пофер, но во моментов тоа не изгледа баш така. Се работи за интерпретацијата која произлегува од ситуациите, дури и по гледањето снимка неколку пати“, рече Сетјен.

И претседателот на клубот, Жузеп Марија Бартомеу, упати остри критики кон синоќешната одлука на луѓето од ВАР собата и главниот судија.

„ВАР не ги дава очекувањата кои сите ги сакавме. По паузата има куп натпревари на кои не беше изедначен критериумот и на кои еден ист тим беше фаворизиран, а други тимови ја немаа таа среќа. ВАР треба да им помага на судиите. Во изминатите неколку натпревари сите видовме ситуации во кои ВАР не беше употребуван коректно“, рече претседателот.

 

По синоќешните победи на Реал и Барса останува разликата од 4 бодови во корист на тимот од шпанската престолнина. Реал Мадрид има 77, додека Барселона 73, а до крајот преостануваат уште четири кола.