Вообичаено, жртви на семејно насилство се жените, во 77 проценти, а во однос на роднинската врска со сторителите, во 38,5 проценти како жртви на семејно насилство се јавува сопругата. Понатаму, во 18 проценти од кривичните дела, жртви се родителите, а во 10,5 проценти – жртви се децата. Но, има и случаи кога еден од родителите, најчесто мајката, е жртва на семејно насилство од своите синови. Најголемиот дел случаи се пријавени од жени, а потоа од мажи и од деца. Според анализата, 78 отсто од сторителите се евидентирани како жители на урбано подрачје, додека 22 отсто – на рурално подрачје, поради што се претпоставува дека бројката е двојно поголема, бидејќи жените од руралните средини сѐ уште се срамат да пријават каков било вид семејно насилство.
Семејното насилство претставува сериозен општествен проблем кој, во последно време, најпрво со ковид-пандемијата, а сега и со економската криза, предизвикува загриженост со својата застапеност во македонското општество. Според истражувањата, секоја втора жена во државата е жртва на психолошко насилство, секоја петта се соочува со одредена форма на физичко насилство, додека сексуалното насилство меѓу двајцата партнери сè уште е табу-тема за која ретко се разговара. Според социолозите и психолозите, основни причини за појавата на семејно насилство се прифатеноста на патријархалните вредности и подредената улога на жената во однос на мажот во бракот и во семејството. Во 2021 година, во Македонија се бележи зголемување на бројот на кривични дела на семејно насилство, односно регистрирани се 1 056 кривични дела од оваа област.