Се менува форматот на претседателските дебати во САД

9

Американската Kомисија за претседателски дебати објави дека наскоро ќе донесе промена на форматот со цел да се избегне повторување на хаотичната прва средба меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден. Комисијата соопшти дека првата дебата „јасно покажала“ оти на преостанатите дебати им е потребна „дополнителна структура за да се обезбеди поредовна дискусија“. Една од можностите што се разгледува е модераторот да има овластување да му го исклучи микрофонот на учесникот во дебатата додека неговиот противник зборува.

Првата дебата меѓу Трамп и Бајден ја одбележа хаотична атмосфера, со чести упади во зборот на соговорникот, остри обвинувања и лични навреди. Модераторот на дебатата, новинарот на Фокс њуз, Крис Валас, не успеа да воспостави контрола врз дискусијата. До изборите на 3 ноември ќе се одржат уште две претседателски дебати, на 15 октомври во Мајами и на 22 октомври во Нешвил.