Се очекува Шолц утре да замине во посета на Израел

1

Германскиот канцелар Олаф Шолц утре ќе отпатува за Израел за да покаже солидарност по смртоносниот напад на милитантите на Хамас на 7 октомври, јавија денеска германските медиуми. Но, според германската новинска агенција ДПА засега нема официјална потврда од кабинетот на Шолц за планирана посета.

Шолц вети целосна поддршка за Израел, нагласувајќи минатата недела дека „единственото место“ на Германија во моментов „е на страната на Израел“.

Германската телевизија НТВ, цитирајќи владини извори, рече дека посетата на Шолц ќе биде утре. Судбината на германските државјани киднапирани од Хамас за време на нападот пред 10 дена се очекува да биде меѓу темите на разговор.

Во масовните напади загинаа над 1.400 луѓе во Израел, а над 150 луѓе – вклучително и неколку германски државјани – беа земени како заложници од Хамас.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во петокот отпатува за Израел во знак на солидарност со земјата по големите напади на исламистичката милитантна група Хамас.