Се сомневаат дека е отруен: Поранешниот советник на Путин итно хоспитализиран

1

Поранешниот специјален пратеник на Кремљ, Анатолиј Чубаис (67), кој поднесе оставка од таа функција поради војната во Украина, е хоспитализиран некаде во Европа поради ретка автоимуна болест која го напаѓа нервниот систем, објави руската новинарка Ксенија Собчак, пренесе „Нова“.

На Чубаис му бил дијагностициран Гилијан-Баре синдром, невролошко нарушување при кое имунолошкиот систем ги напаѓа сопствените ткива на периферниот нервен систем, ги цитира Собчак зборовите на Чубаис напишани на Телеграм.

Како што тврдат западните медиуми, постојат и сомневања дека Чубаис e, всушност, отруен.

Не е познато во која европска земја се наоѓа Чубаис, кој ја напушти Русија веднаш по оставката во март.

Тој во моментов е недостапен за коментар, истакнува „Ројтерс“.

Своевремено, Чубаис беше шеф на кабинетот на Борис Елцин, а тој беше и специјален пратеник на Владимир Путин за односи со меѓународните организации.