СЗО: Пандемијата не е ни блиску до крајот, можни се нови соеви на вирусот

7

Светската здравствена организација (СЗО) ги предупреди светските лидери дека пандемијата на коронавирус „не е ни блиску до крајот“, бидејќи некои европски земји пријавија рекорден број нови случаи на омикрон во последните 24 часа.

Овој високопренослив сој на коронавирусот со несмалено темпо се шири низ целиот свет, што натера некои влади да воведат нови рестриктивни мерки и истовремено да го забрзаат воведувањето дополнителни дози вакцина.

„Оваа пандемија не е ни блиску до крајот“, изјави лидерот на СЗО Тедрос Адан Гебрејесус за новинарите во вторникот во седиштето на агенцијата во Женева. Тој истакна дека варијантата омикрон предизвикала 18 милиони нови случаи на инфекција низ светот од минатата недела.

И иако овој сој се смета за помалку сериозен од претходните, верувањето дека се работи за лесна болест е погрешно, рече Гебрејесус, истакнувајќи дека „омикрон резултира и со хоспитализации и со смртни случаи“ и дека луѓето и за „помалку тешки облици на болеста ги преплавуваат здравствените институции“.

„Омикрон не го сметам за благ сој бидејќи моментално е доминантен и продолжува да разгорува нови епидемии од Латинска Америка до Источна Азија, откако првпат беше откриен во ноември во Јужна Африка“.

Тој ги предупреди светските лидери дека, со оглед на екстремно брзото ширење на омикрон на глобално ниво, најверојатно ќе се појават нови варијанти на вирусот, поради што следењето и проценката на ситуацијата остануваат од клучно значење.

Тој, исто така, рече дека е особено загрижен за состојбата во земјите со ниска стапка на вакцинација, бидејќи оние што не се вакцинирани се изложени на поголем ризик од развој на тешка болест и смрт.

Минатата недела во Европа беа пријавени пет милиони случаи на зараза со омикрон, а СЗО предвиде дека сојот до март може да зарази половина од сите Европејци, со што здравствените работници и болниците низ континентот ќе бидат на границите на издржливост.

Само Германија во вторникот забележа 112.323 случаи на коронавирусот и 239 смртни случаи, а омикрон зарази повеќе од 70 проценти од тестираните.

И директорот за вонредни ситуации на СЗО, Мајк Рајан, предупреди дека зголемената преносливост на омикрон веројатно ќе резултира со зголемување на хоспитализирањата и смртните случаи, особено во земјите каде што помалку жители се вакцинирани.

„Експоненцијалното зголемување на бројот на случаите, без оглед на тежината на поединечните соеви, резултира со неизбежно зголемување на бројот на хоспитализираните и смртните случаи“, рече тој.