Симоновски за пожарот: Операцијата беше сложена, во зградата не работи ниту еден хидрант

23

Во гаснењето на пожарот што настана во зградата на поранешна Комерцијална банка во центарот на Скопје, каде што сега се сместени повеќе државни институции, учествувале вкупно девет противпожарни возила и 24 пожарникари.

Како што информира командантот на противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, пожарот бил пријавен во 6:50 часот, а противпожарните екипи пристигнале пет минути подоцна. Тој рече дека станувало збор за сложена операција.

„Ова е старата зграда на Комерцијална банка и внатре е преградена со повеќе ходници, гипс-каротни и стаклени врати. Во моментот внатре не работи ниту еден хидрант, ниту една хидрантска мрежа. Тоа ни создаде поголеми проблеми бидејќи не можевме да го затвориме пожарот од внатрешната страна, па мораше преку надворешната страна да влеземе со кршење на прозорците. Пожарот го локализиравме околу 8:50 часот“, вели Симоновски.

Тој вели дека причинител на пожарот е најверојатно електричната инсталација, а пожарот зафатил вкупно шест простории на Државниот инспекторат за животна средина, кој е сместен на првиот кат од зградата.

„Кога влеговме внатре, сè уште имаше електричен напон, ЕВН ја исклучи струјата пред 30 минути, па затоа и го гасневме пожрот во неколку наврати. Во моментот на пожарот сè уште не беа пристигнати луѓето што се вработени во зградата, тоа ни претставуваше проблем бидејќи не знаевме како да влеземе во зградата. Шемата за влез од предната и задната врата ни ја дадоа вработените од новинската агенција МИА кои пристигнаа после нас“,додаде Симоновски.

Во пожарот беа зафатени првиот кат и надворешната страна на вториот кат.

Симоновски вели дека немало повредени, а Брзата помош интервенирала за еден од пожарникарите кој почнал да се задушува, но сега се наоѓа во добра и стабилна состојба.