Системот се преоптовари: Продолжен рокот за барањата за субвенции на платите

20

Масовно се поднесуваа барањата за државна помош за исплата на плати за октомври, ноември и декември па УПравата за јавни приходи синоќа одлучи да го продолжи рокот за поднесувањето до 12 ноември годинава. Од УЈП велат дека пролонгирањето е поради доцната објава во Службен весник на сите правилници за обрасците според што самите обрасци за пресметка на платата и субвенцијата беа посатвени на веб платформата на УЈП вчера утрото.

Поради подоцнежна објава во Службен весник на Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците и Правилникот за формата и содржината на барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност, кои се основ за достапност и поставување на обрасците БФП-ИП/2 и БФС-СВД/2 на веб платформата на УЈП, како и поради масовно поднесување на истите веднаш по поставувањето што придонесе до преоптоварување на системот, рокот за нивното поднесување се продолжува до 12 ноември 2020 година, стои во објавата.

Финансиската поддршка за исплата на плати е мерка дел од Четвртиот пакет кој го донесе Владата. Финансиската поддршка е за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, но барањата се поднесуваат електронски преку системот Е-ПДД, за секој месец посебно.

За користење на финансиската поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни некопи услови. Приходите за секој месец да се намалени за најмалку 30 отсто во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во периодот од месец април 2019 година заклучно со месец септември 2019 година, октомври 2019 година или ноември 2019 година. Потребно е и бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка од овој закон да е ист или поголем со бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година, со исклучок на одјавените работници со оправдан основ на престанок на работен однос и работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност.

Работодавачот не може да користи финансиска поддршка за исплата на плати за работник доколку работникот за месец јуни, јули, август или септември 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, ако користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување.

Владата ги усвои измените на 22 октомври. Според измените работодавачите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка до 21.776 денари по вработен.

Министерството за финансии смета дека на ваков начин ќе се инјектираат 70 милиони евра.