Скандал ја тресе клиничката болница во Битола – царски рез извршил невработен гинеколог

58

Суспендирани се од работа двајца гинеколози во Клиничката болница во Битола, дознава ТВ 24. Едниот од нив е Гоце Чакаровски поранешен заменик министер за здравство и до скоро советник во кабинетот на премиерот Заев.

Споре нашите информации гинеколозите се суспендирани поради тоа што дозволиле на операција со царски рез да учествува сопругата на вториот гинеколог која не е вработена во болницата, а е државјанин на соседна Србија, а немала ниту лиценца за работа.

Доцна попладнево од СВР Битола потврдија дека е покрената кривична пријава за три лица, двајцата гинеколози и сопругата на вториот, помладиот гинеколог.

Пријавите се поднесени за кривичните дела “Злоупотреба на службената положба и овластување, Фалсификување службена исправа “ „Надрилекарство“ и “Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

„Двајцата гинеколози пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената без соодветна лиценца за работа од Лекарска комора да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола.

По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“, се вели во соопштението.

Скандалот избил кога се дознало дека помладиот гинеколог ја донел сопругата во родилната сала и дозволил да го врши породувањето со царски рез. Случајот веднаш бил пријавен во полиција од еден од вработените на одделот за гинекологија.

директорката Биљана Гагачовска за ТВ 24 потврди дека двајца гинеколози се суспендирани и дека во тек е дисциплинска постапка.

„Двајцата се суспендирани од работа, се води дисциплинска постапка против нив поради дисплински престап. Настанот се случи на крај на јануари, а тие ќе бидат суспендирани се додека трае постапката, изјави Гагачовска.

Заради постапката таа не ги откри имињата на двајцата гинеколози.ТВ 24 го контактираше Чакаровски кој потврди дека е суспендиран од работа.

„Да, точно е, суспендиран сум но не чувствувам вина. Во тек е дисциплинска постапка, не можам да коментирам повеќе“, изјави за ТВ 24 Чакаровски.

Дознаваме, дека породувањето со царскиот рез поминало добро, но случајот во кој невработен лекар од надвор влегол во родилната сала и оперирал, ја стресе болницата.