Слави Трифунов ќе праќа и „северномакедонски астронаут“ во НАСА покрај двајца бугарски

10

Бугарскиот телевизиски шоумен но и лидер на „Има таков народ“, Слави Трифунов, предложи владен кабинет по вчерашните парламентарни избори во земјата и покрај тоа што изјави дека нема намера да коалицира со другите партии а не е јасно дали воопшто ќе биде победник. Дури и да биде победник, неговата партија може да се надева на околу 60 мандати, што е далеку од мнозинство во 240 членото бугарско Народно собрание.

Најсилниот политички противник на ГЕРБ на Бојко Борисов го престави кабинетот во телевизиско обраќање, при што ги опиша и приоритетите на предложената влада.

Но, помеѓу ветувањата за нови градинки, патишта, болници, намалување на државната администрација, Слави Трифунов отиде до вселената. Како што изјави, ќе направи се што е можно да прати бугарски но и еден „северномакедонски астронаут“ во НАСА.

„Поднесување на апликација за членство на Бугарија во Европската вселенска агенција затоа што само Бугарија не членува таму. Ќе направам се што е возможно, да испратам маж и жена кои ќе бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направам се што е возможно кон нив да се присоедини и еден северномакедонски астронаут. За да не гледаме надолу во земјата, од срам, туку да почнеме да гледаме нагоре, кон ѕвездите“, изјави Слави Трифунов.