Словенечки новинар: Ситуацијата со короната може да се спореди со модерна граѓанска војна

7

Словенечката влада повикува на вакцинација на што е можно повеќе луѓе, а вакцинација од 70% би била пожелна бидејќи значително ќе го намали бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати. Од Љубљана, уредникот на Mladina, Роберт Ботери, изјави за Studio 4 на HRT за состојбата со коронавирусот во Словенија.

„Не сум во редакција, останав дома затоа што ми течеше носот, настинав. Вакциниран сум и утрово направив тест заедно со ќерка ми која оди на училиште и негативен сум. Имаме договор во редакцијата дека ако не сте 100% здрави, останувате дома. Нашите ученици добиваат тестови за самотестирање и се тестираат на секои два дена. Позајмив еден тест од ќерка ми и се тестирав. Сите сме вакцинирани во семејството“, рече Ботери.

„Влегуваме во темноцрвена фаза“

На прашањето за ситуацијата со коронавирусот во Словенија, тој рече дека ситуацијата експлодирала.

„Вчера имавме 750 нови случаи, така што утре влегуваме во темноцрвена фаза. Бројките растат експоненцијално во последните 7 дена. Што се однесува до бројот на заразени, ситуацијата е на ниво на онаа од 1 мај. Бројките во болниците се малку помали од тогаш, но се очекува и болниците да се наполнат, веќе има 150 хоспитализирани и околу 40 на интензивна нега. Во Словенија проблем е и почетокот на школската година – кај помладата популација од 12 до 18 години, само 11% од вакцинираните се вакцинирани, што значи дека инфекцијата ќе се прошири со многу побрза стапка за 14 дена“, додаде тој.

„Но, главниот проблем на Словенија, како и на цела Источна Европа е што дојдовме до малку повеќе од 40% вакцинирани и застанавме. Тоа сега оди многу бавно. Во последниот месец речиси никој не е вакциниран. Се случи голема поделба помеѓу вакцинираните и оние кои не сакаат да се вакцинираат. Нема друга комуникација меѓу двете популации освен навреди и заострување на односите“, ја објасни Ботери ситуацијата во Словенија, додавајќи дека се размислува за задолжителна вакцинација за старите лица, во здравството, образованието и социјалната заштита.

„Го убедувате населението што не верува во она што го кажувате и сѐ што правите е залудно. Се покажа во Словенија дека комбинацијата на репресија и епидемија создаде таков расцеп, што сега што и да каже и направи владата, 70% од луѓето не веруваат, ниту кога се носат мерки. Не сум сигурен дека Словенија сега е во состојба да воведе мерки, како и некои западни земји, да воведе ригорозни мерки за задолжителна вакцинација. Верувам повеќе дека ќе има разорно разделување што може да се спореди со модерна граѓанска војна“, заклучи Ботери.