Словенија објави нови построги мерки, се воведува делумен карантин

13

Словенечката Влада вчера најави нови драстични мерки поради епидемијата на коронавирус.

Од понеделник, наставата од петто одделение од основно училиште па нагоре ќе се одвива од далечина. Од петок, ќе се воведат ограничувања на движењето помеѓу црвените статистички региони во земјата, кои се вкупно седум. Во овие региони носењето маски ќе биде задолжително насекаде, ќе се ограничи работата на одредени услужни и спортски дејности, а собирањето на повеќе од десет лица ќе биде забрането, пренесуваат словенечките медиуми.

Овие мерки се воведуваат откако Словенија со денови има голем број на новоинфицирани со коронавирус. Вчера имаше 707, што е најмногу досега.

Премиерот Јанез Јанша ги претстави новите мерки за спречување на ширењето на вирусот.

„Ние сме помеѓу портокаловата и црвената фаза. Во моментов имаме седум статистички региони кои се црвени, а пет портокалови и жолти”, рече Јанша во воведот. Според него, владата на седницата одлучила некои од мерките што ги донела да бидат применети на целата земја, а некои селективно на регионите со полоша епидемиолошка слика.

„Мерките утре ќе бидат објавени во службен весник. Некои ќе стапат на сила во петок, други во понеделник”, најави Јанша вчера.

Како што објасни Јелко Кацин, мерките поврзани со школувањето ќе стапат на сила во понеделник, а другите ќе стапат на сила во петок.

Драстичните мерки што вклучуваат делумно затворање нема да се однесуваат на целата земја, туку на оние региони каде што ситуацијата е најтешка.

Мерките што се однесуваат на сите жители, односно на цела Словенија, се повторно воведување на учење од далечина за повисоките одделенија во основните училишта (од 5 одделение) и за сите одделенија од средното училиште. На високообразовните институции и универзитетите претходно им беше препорачано да организираат што повеќе педагошки процеси на овој начин.

Словенечките власти оценија дека претходните мерки и ограничувања не го дале посакуваниот резултат, па затоа треба да се воведат нови, кои ќе бидат на сила најмалку две недели.