Сметководителите бараат пролонгирање на поднесувањето на годишните сметки до 31 март – половина имале ковид

8

Комората на сметководители денеска побара да се одложи крајниот рок за поднесување на годишните сметки и финансиските извештаи бидејќи во изминатиот период речиси половината од 10 000 сметководители во земјава биле болни од ковид.

Нивната онлајн анкета покажала дека особено во периодот од декември до март, од вкупно регистрираните 10 00 0 сметководители, над 4 900 биле заболени од ковид. Според нив, не е за занемарување и бројката на колегите кои иако не биле заболени, биле во изолација поради членови на семејството, клиенти или колеги.

„Дури 65 отсто или 6 500 се изјасниле дека сериозно бил нарушен текот на работа од оваа причина. Дали после овие бројки министерот ќе донесе разумна одлука за пролонгирање на роковите или и натаму ќе продолжи да го негира уставното право на секој граѓанин – правото на боледување, останува да видиме“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на денешната прес-конференција.

Тие претходно бараа пролонгирањето да биде до 30 април за хартиено поднесување и до 15 мај за електронско, но од Комората посочуваат дека за ова се потребни законски измени, а сега сите реални можности за тоа се поминати.

Затоа сега нивното барање е рокот да се продолжи до 31 март, што може да биде без измени во Законот.

Комората на сметководители подолго време бара да се пролонгираат роковите за завршните сметки и извештаи, уште пред пандемијата.