Собранието треба да се конституира до 4 август, засега нема промена во бројот на освоените пратенички места

23

Членовите на Државната изборна комисија синоќа едногласно ги отфрлија сите 2.142 приговори поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори. Сега партиите имаат 24 часа да достават тужба до Управниот суд, кој пак по нејзиниот прием има 60 часа да одлучува.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот суд за заштитата на избирачкото право, ДИК, согласно законот ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајниот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.

Извесно е дека резултатите и мандатите од предвремените парламентарни избори остануваат онака како што првично беа објавени – коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.

Десеттите парламентарни избори во Македонија, петти предвремени се одржаа во специфични услови и барања за почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Се гласаше три дена и тоа во понеделникот, вторникот и средата, а право на глас имаа еден милион 814 илјади и 263 гласачи. Своето право на глас го искористија 943.750 гласачи.