Собранието ја разреши министерката Мизрахи – изгласани и измени на Изборниот законик

10

Собранието доцна синоќа со 62 гласа „за“ и 26 гласа „против“ ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.

Таа беше разрешена поради користење на табла со името Република Македонија во Министерството, што според премиерот Оливер Спасовски, претставувало јавен настап при кој бил прекршен Уставот.

Тој во своето обраќање ги повика ВМРО-ДПМНЕ да предложат нов кандидат за функцијата министер за труд и социјална политика.

„Штетите од овие постапки се закануваат да бидат огромни за граѓаните, за државата, за нашата евро-атлантска иднина, и јас како Претседател на Владата на Северна Македонија ги оценив како последици кои мора да се спречат и затоа донесов одлука да поднесам предлог за нејзино разрешување од функцијата. Како претседател на Владата јас не можам да дозволам граѓаните и државата, да бидат заложници на неодговорно однесување кое го загрозува Договорот од Преспа и сите придобивки што произлегоа од тој договор за нашите евро-атлантски интеграции и за унапредувањето на нашите односи со соседите“, рече Спасовски во обраќањето.

Мизрахи во обраќањето посочи дека таа смета дека не го прекршила Уставот и дека нејзиното разрешување е обид да се прикријат проблемите кои постојат во Министерството за труд и социјална политика.

Исто така, пратениците ги изгласаа и измените на Изборниот законик со кои се прават усогласувања со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но и делумно се променија избирачките единици „5“ и „6“ за запазување одредбата дека не смее да има преголеми отстапки во бројот на населението меѓу шесте изборните единици.

Собранието, според планираното, треба да се распушти во недела. Пратениците ќе работат и денеска, а на дневниот ред треба да се најде новиот Закон за јавно обвинителство.