Собрание: Власта решена да се спроведе попис во април, опозицијата ќе собира потписи за поништување на законот

10

Пратениците вчера ја започнаа расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите, а дебатата ќе продолжи денеска на пладне, за кога е закажано продолжението на 29-та седница.

Заменик-министерот за правда Агим Нухиу, во образложението на законот кој ќе се носи по скратена постапка, рече дека со него е предвидено пописот да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, предвидени се 50 пописни региони и секој од нив ќе има посебна комисија, во кои ќе се почитува правичната застапеност како и при изборот на попишувачите.

Тој го објасни и начинот на кој со пописот ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.

„Лицата кои работат надвор од државата, попишувањето ќе го извршат сами, со посебна апликација, која ќе биде инсталирана на интернет-страницата на Државниот завод за статистика, од 1 март до 21 април 2021 година“, појасни заменик-министерот Нухиу.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара тој веднаш да биде повлечен од собраниска дебата и да се организира внатрепартиска и внатредржавна дебата со сите општествени фактори за да се најде консензуално решение како да се спроведе оваа статистичка операција.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека за нив е неприфатлив ваквиот закон и оти ќе гласаат против, бидејќи ниту еден од нивните 26 амандмани што ги поднеле, не е прифатен.

„Пописот треба да биде статистичка операција која треба да го даде бројки за резидентно население, а не бројот на државјани. Ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис. Според регулативите на ЕУ и според ООН, за резидентно население се сметаат оние кои живееле во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот; и оние кои пристигнале во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да останат таму најмалку една година“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и посебно истакна незадоволство што не е прифатен нивниот предлог, пописот да се спроведе и со отпелаток од прст.

Подоцна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда за собирање на потписи за предлог -закон за поништување на законот за попис.

Доколку пописот сепак се спроведе, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите.