Собраниските преведувачи со полни раце работа, утре почнува расправата за амандманите на ДУИ

9

Собраниските преведувачи овие денови имаат полни раце работа. Се преведуваат од албански на македонски и обратно илјадниците амандмани што ги поднесе владејачката ДУИ на предлозите за измена на Изборниот законик и уште стотици амандмани на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за иницијативата на помалите партии за една изборна единица и за отворени листи за избор на советници во општините. Зад овие предлози за измена на изборната регулатива застана и владејачкиот СДСМ. Но, по „амандманската блокада“ на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, според проценките, извесно е дека за престојните предвремени парламентарни избори останува стариот изборен модел со шест изборни изборни единици кои делегираат по 20 пратеници.

Иако администрацијата во парламентот сѐ уште ги подготвува амандманите за да може да почне расправата за нив во матичното собраниско тело, претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски вели за Плусинфо дека веќе нема да ги чека службите и дека за утре, во 14 часот, ќе закаже седница. Од пратеничката група на СДСМ објаснуваат дека дискусиите за амандмани во собраниските тела се неограничени, а и во случајов да се донесе одлука за ограничување на расправите, минимални се шансите да се разгледаат сите амандмани до распуштањето на овој собраниски состав. Тоа, како што велат, би било можно само при евентуално одложување на изборите, наспроти плановите за распуштање на парламентот околу 10 февруари.

Двата предлози за измена на Изборниот законик се на дневен ред на 123.собраниска седница што продолжува денеска, откако минатата седмица пратениците на ДУИ им приредија „изненадување“ на другите пратеници од владејачкото мнозинство, така што поднесоа пет илјади амандмани само на предлогот за една изборна единица, за што, пак, ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 600 амандмани. До вкупната бројка од околу девет илјади амандмани се стигнува со амандманите што се поднесени на предлогот за отворени листи и со амандманите на другите (помали) партии. „Амандманската офанзива“ на ДУИ, како продолжение на несогласувањата со СДСМ околу третманот на забелешките од Венецијанската комисија за Законот за јазици, предизвика нови превирања во владејачката коалиција. Испровоциран од амандманите на ДУИ, премиерот Зоран Заев неодамна, првпат во изминатите две и пол години, ја доведе во прашање одржливоста на коалицијата со ДУИ.