СОНК најави штрајк доколку платата на наставниците и професорите не се зголеми!

7

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков најави дека деновиве ќе се одржи средба со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и доколку не се најде заедничко решение, ќе следува штрајк.

Тој додава дека имаат текст од колективен договор подготвен од работни групи на МОН и на СОНК, а тоа што го бараат во однос на усогласувањето со минималната плата од 18.000 со колективните договори, ќе биде вградено и во колективните договори, каде што основица за пресметка на плата ќе биде минималната плата на национално ниво.

„Со оглед на тоа што минималната плата ќе биде 18.000 денари, тогаш основицата ќе биде 18.000 денари, која ќе се множи со соодветниот коефициент на сложеност на работно место“, истакнува Неделков.

Според него, ваквиот модел веќе се применува во културата, а се надева и дека ќе се изнајде примена и за во образованието.

„Вработените во дејностите образование и детска заштита заслужуваат повисоки плати и мора да ги добијат. Деновиве ќе се сретнеме со министерот и ќе видиме што ќе биде одлучено. Покачување на платите ќе има, а покачената плата ќе ја добиваат од април. Ако не најдеме заедничко решение, ќе штрајкуваме. Согласно Законот за плати и колективниот договор, платите треба да бидат многу повисоки“, вели Неделков.

Инаку, според пресметките на минималната плата со бројот кој се множи со коефициентот за сложеност на работно место, излегува дека платата на наставниците треба да изнесува 45.054, додека на професорите 45.594 денари.

Пред два дена министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека е отворен за комуникација со СОНК за нивното барање за покачување на платите на наставниците.

Министерот порача дека нема придобивки од одржување штрајк и дека инсистира на директна комуникација со СОНК за да не дојде до тоа.