Состојбите во Украина, Русија и Блискиот Исток, заштитата на новинарите, безбедноста и екологијата теми на овонеделното заседание на ЕП

2

Поддршката за Украина, положбата на политичките затвореници во Русија, европската одбрана и безбедност, состојбата на Блискиот Исток, заштитата на новинарите и прашања поврзани со животната средни ќе бидат меѓу главните теми на пленарното заседание на Европскиот парламент што оваа недела ќе се одржи во Стразбур.

Главен настан на парламентарното заседание ќе биде обраќањето на вдовицата на неодамна починатиот руски опозициски лидери и политички затвореник Алексеј Навални, Јулија Навалнаја, предвидено за в среда. По ова, ќе следи дебата меѓу европратениците и претставници на Еврокомисијата и белгиското претседателство со Советот на ЕУ посветена на, како што се наведува во најавата, „убиството на Алексеј Навални и потребата од акција на Унијата за поддршка на политичките затвореници и угнетеното граѓанско општество во Русија“. Од дебатата ќе произлезе резолуција, која ќе биде ставена на гласање в четврток.

Сесијата ќе започне попладнево со воведна изјава на претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола по повод двегодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина, по што ќе продолжи дебатата за поддршката на земјата, што започна на претходното пленарно заседание што се одржа во првата половина на овој месец. По дебатата ќе биде подготвена резолуција во која се очекува ЕП да побара зголемување на испораките на муниција и оружје за Украина и построго спроведување на санкциите кон Русија. По резолуцијата европратениците ќе се изјаснат в четврток.

Доцна попладнево европратениците ќе расправаат и за предложените нови правила за политичко рекламирање, со цел да се обезбеди негова поголема транспарентност, заштита од интернет таргетирање и справување со дезинформациите и странското мешање.

Гласањето по овие норми ќе се одржи во текот на утрешното продолжение на седницата, кога Европарламентот ќе треба да се изјасни и за новите правила на ЕУ за заштита на новинарите и активистите кои работат на заштита на основните права и борбата против корупцијата и дезинформациите.

Заседанието утре ќе продолжи и со расправа и гласање за Предлог-ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ, вклучително и за Механизмот за финансиска поддршка за Украина, како и за Платформата за стратешки технологии за Европа (СТЕП), чија цел е зголемување на конкурентноста и прилагодливоста на европските стратешки сектори.

Утре Европскиот парламент ќе расправа и за состојбата во Газа, последната пресуда за Израел од страна на Меѓународниот суд на правдата и за наводната вмешаност на персоналот на ОН во нападите на Хамас на израелска територија на 7 октомври.

На утрешното продолжение на седницата европратениците треба да се изјаснат и за конечната верзија на Закон за обнова на природата, со кој се предвидува спроведување на мерки за ревитализација на најмалку 20 отсто од копнените и поморските области во ЕУ до 2030 година и на сите екосистеми до 2050 година. Во продолжение тие ќе гласаат и за новите правила за заштита на животната средина во ЕУ, со кои во законодавство се воведуваат нови кривични дела против природата, како илегална трговија со дрва или исцрпување на водните ресурси, за кои се предвидуваат затворски и парични казни.

Меѓу точките на утрешното пленарно заседание се и новите правила за возачки дозволи, со кои, меѓу другото, се предвидува воведување мобилни дозволи и задолжителни здравствени прегледи на возачите, со цел да се подобри безбедноста на патиштата и да се поддржи дигиталната транзиција на ЕУ. Гласањето по овие правила е закажано за в среда.

Во продолжение на заседанието в среда европратениците ќе дебатираат и за европската безбедност и одбрана, при што ќе гласаат за усвојување на резолуција со која ќе повикаат на „решителна акција за зајакнување на европската безбедност и одбрана и за заштита на меѓународниот поредок заснован на правила, во услови на значителна геополитичка несигурност и закани“.