Софија ги оствари заканите: Бугарско вето за Македонија, јазикот и малцинствата не влегле во преговарачката рамка
Бугарија го одржа ветувањето и заканите што ги упатуваше секојдневно и ја блокираше преговарачката рамка за Македонија на денешниот Совет за општи работи на ЕУ. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева потврди дека практично ставиле вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
„Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Република Северна Македонија, што значи и одржувањето на првата Меѓувладина конференција. Предложениот проект не ги одразува бугарските барања и не може да го поддржиме“, изјавила Захариева пред новинарите по завршувањето на денешниот Совет.
На денешниот Совет на министрите за надворешни работи и за Европа на земјите членки, сепак се разговараше за точката „проширување“.
„Бугарија може да ја одобри преговарачката рамка за Република Албанија, затоа што исполнија голем дел од условите коишто беа поставени во март“, вели Захариева.
Таа ги изнела и причините зошто Софија стави блокада за Македонија.
Бугарија како што вели бара во преговарачката рамка да се вметнат три услови: Придржување кон формулата за јазикот од 1999 година и потврдена со Договорот за пријателство и добрососедство; патоказ за исполнување на Договорот од 2017 година; и многу јасна декларација дека нема да се поддрѓуваат претензиите за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови, според Захариева, не се вклучени во преговарачката рамка.