Сојузот на филателистите со проект „Сто години од раѓањето на седум народни херои во 2021″

4

Сојузот на филателистите на Македонија денеска го промовираше својот проект „Сто години од раѓањето на седум народни херои во 2021″.

Петмина од нив го положиле својот живот во Народно-ослободителната борба на свои неполни дваесет и пет години – Борка Талески, Христијан Тодоровски- Карпош, Ванчо Прке, Илија Јованоски и Славчо Стојменски, а останатите двајца народни херои се Васко Карангелески и Крсте Црвенковски.

Како што соопшти Сојузот на филателистите на Македонија, цел на проектот е да се остави во наследство за следните генерации спомен на нивното дело преку соодветен филателистички материјал. Проектот предвидува издавање седум посебни пликови за секој од нив, именувани како „Пригодни пликови”.

– Тоа се стандардни пликови на кои е отпечатен ликот на херојот, придружен со соодветни филателистички податоци. Во соработка со АД Пошта на Северна Македонија, овие пликови ќе бидат украсени со македонски поштенски марки со слики од родното место на херојот, кои ќе бидат поништени со пригодни поштенски печати. Овие печати ќе бидат во еднодневна употреба на денот на раѓањето на херојот во неговото родно место, стои во соопштението.

Првиот пригоден плик за генерал-полковникот Васко Карангелески беше промовиран денеска во присуство на неговиот син Раде Карангелески со поширокото семејство и членови на Сојузот на филателистите.

Претседателот на Извршниот одбор на Сојузот, Димитар Белчев говореше за неговата животна патека, од младоста, преку учеството во НОБ и израснувањето во командант на значајни единици, а по ослободувањето и за неговото школување во највисоките воени академии во поранешните СФРЈ и СССР. На семејството му беше предаден првиот пригоден плик од овој проект.

Посетителите можеа да ги погледнат изложените филателистички збирки за Народно-ослободителната борба од 1941 година и за животот на врховниот командант Јосип Броз – Тито, како и видео-колаж по повод 70 години на Сојузот. Пригодниот печат ќе биде во еднодневна употреба во поштата во Битола на 7 јули.

Наредниот пригоден плик посветен за народниот херој Борка Талески ќе биде промовиран во Прилеп во Градската библиотека што го носи неговото име. Промоцијата ќе биде на 19 јули во рамки на одбележувањето на стогодишнината од неговото раѓање.

Сојузот на филателистите на Македонија постои повеќе од 70 години. Сојузот настојува значајните датуми од нашата историја и од општествениот живот да ги проследи со соодветна филателистичка активност, што е традиција која трае со години. /МИА