Спасовски денеска на уште еден испит

7

Денеска е најавен уште еден протест за случајот „Монструм“ во Скопје кој по традиција е насилен, а овој пат повод е првостепената пресуда од повторното судење за петкратното убиство на Смилковското езеро. На претходниот протест дел од јавноста го осуди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кому и онака оваа недела му гореше под нозете поради бегството на поранешниот разузнавач Сашо Мијалков, дека не дозволил полицијата да возврати на провокациите.

Семејствата на осудените тврдат дека се гонат невини луѓе. Протестот го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. Собирот е закажан во 13.30 часот во паркот во Чаир, а ќе продолжи кон Основниот суд и Владата.

Во вторникот Кривичниот суд бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ за тероризам ги осуди на казни доживотен затвор, а иста пресуда доби и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Хаки Азири е осуден за две кривични дела помагање на сторител по извршено кривично дело, за што доби единствена казна во траење од 9 години. Фејзи Аризи, пак, е осуден за помагање на сторител по извршено кривично дело на 15 години затвор.

Претходниот протест на 29 јануари заврши со скандирања, неколкучасовна блокада на скопските улици, скршени прозорци, навреди и барања за разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи. Учесниците на протестот скандирајќи „УЧК“, побарааа меѓународната заедница да интервенира за да се обезбеди правда за случајот

Во 2014 осум демонстранти седнаа на обвинителна клупа под сомнение дека за време на насилниот протест во Скопје против пресудата за „Монструм“ од првото судење со камења и дрва повредиле дваесетина полицајци и ги оштетиле фасадите на двата основни скопски суда.

Алијансата за Албанците и Алтернатива за Спасовски веќе бараат интерпелација во Собранието, а вчера и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека неговата партија ќе даде поддршка за оваа иницијатива.