Спасовски за предложените нови мерки: Домовите на граѓаните никој не смее да ги загрози, но постојат механизми за проверки и контроли

78

Министерот за здравство Венко Филипче, вчера на прес-конференција најави воведување на нови мерки за заштита од коронавирусот. Меѓу оние како носење на маски и на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица, беа и забранети семејни прослави во домовите, како и примање на најмногу до четири лица во кои не се членови на семејството во едно живеалиште.

На прашање како ќе се спроведе тоа полицијата да контролира во домовите, министерот Оливер Спасовски даде свој коментар:

„Прво не би сакал да коментирам нешто што не е усвоено од Владата. Тоа е само предлог од Комисијата за заразни болести. Само едно ќе кажам, дека министерството за внатрешни работи ќе ги почитува начелата на Уставот и законите. Неповредливост на домот или станот е нешто свето за граѓаните, никој не може да го загрози, но со одлуките кои ќе бидат донесени, а се во функција на јавното здравје, ќе бидат предвидени соодветни механизми за контрола и на нивно спроведување. Но, за тоа би дал поопширен договор кога ќе бидат усвоени мерките од страна на Владата“, рече Спасовски при денешната посета во општина Гази Баба.

Министерот рече дека најпрво Владата ќе расправа за тие мерки, и секој министер ќе ги каже своите размислувања околу предлозите.

Спасовски истакна дека граѓаните самите треба да бидат свесни да ги почитуваат мерките. Министерот за внатрешни работи истакна дека засега не се планира зголемување на казните за неносење заштитна опрема.