Спасовски: Имаме информации дека одредена група која сака вечерва да протестира, подготвува молотови коктели

11

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на повредените полициски службеници на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кажа дека располагаат со информации дека одредена група за вечерашните најавени протести подготвуваат молотови коктели, а за синоќешните ескалации рече дека нападот на службениците и институциите не е демократија, туку вандализам и насилство. Сцените од синоќа ги спореди со нападот на Собранието на фамозниот 27 април.

„Ваков облик на организирано насилство, ова е случај кој потестува на 27 април, 30 луѓе со качулки на глава го предизвикуваат целиот неред и предизвикуваат напади на институциите и напад на полициските службеници. Секако дека професионалниот однос на македонската полиција се согледа во тоа што исклучиво се изврши интервенција врз оние кои направија физички напад и материјална штета“, кажа Спасовски.

Министерот посочи дека меѓу 11-те приведени демонстранти се и две малолетни лица и порача дека секој кој удрил на полицаец или витален објект ќе биде најстрого санкциониран. Тој воедно апелираше и до политичките партии кои го организираат протестот да повикаат на прекин на насилствата.

„Тие што сакаат да протестираат да не бидат изманипулирани, секој напад на службеник и витален објект ќе биде најстрого санкциониран. Протестот е демократско право, и партиите може да организираат но никако не смее да се организираат насилства и рушење на државата и Уставниот поредок“, истакна Спасовски.

Спасовски утринава со припадници на МВР и БЈБ беше во посета на повредените полицајци во УК за Неврохирургија каде се наоѓаат двајца службеници со сериозни повреди. Со потешки повреди се уште 11 полицајци а на останатите по пружената лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

За вечерва се закажани нови протести под мотото „Ултиматум, не благодарам“ против францускиот предлог. Според најавите демонстрантите ќе се движат по истата рута како и вчера а организаторите ги повикаа граѓаните да се приклучат на мирни протести без како што велат полициски инфилтрати а протестот да биде масовен и достоинствен.