Спасовски: Овој успех е крај на нашето чекање од 15 години, една битка добивме, ќе ја добиеме и со короната

10

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција по одлуката за отпочнување на преговори со ЕУ истакна дека во ова исклучително тешко време Република Северна Македонија ја доби битката.

„Нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите. Тоа е победа за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите владата, собранието, судството да ги спроведат реформите. Од денес ова го верификуваа и државите членки на ЕУ. Денешното признание е резултат на тешките политички одлуки кои ги донесе владата. Без договорот од Преспа и без договорот за добрососеседство со Бугарија ова немаше да се случи. Овој успех е крај на нашето чекање од 15 години. Денеска можеме да бидеме горди оти чекањето заврши. Нашата перспектива е во ЕУ. Точка од која враќање назад нема. Во наредниот период ќе поминуваме низ трансформација. Ова е повеќе од заслужен успех. Со оваа одлука се исправа стратегиската грешка од октомври, 2019 година. Да се радуваме на овој успех сите, сите политички партии. Да се радуваме и да се вратиме во реалноста и да продолжиме со уште една битка, битка со короната. Ни треба сплотеност и дисциплина – истакна Спасовски.

Тој додаде дека граѓаните мора да ги почитуваат препораките на владата за да се победи битката со короната.