Спасовски: Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ е провокација и нема да ги подобри односите

7

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од Куманово го повтори ставот на Владата во врска со отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ на Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола од страна на бугарските политичари и порача дека за него тоа е неприфатливо и е провокација.

„Го знаете ставот на Владата дека ние сакаме да дојдеме преку принципиелни разговори до решение со цел да го оствариме нашиот национален интерес, а тоа е членството во ЕУ. Ова што се случи во Битола, а тоа е отворањето на овој центар, и тоа со име на еден учесник или соработник на Хитлер, на фашистичкиот окупатор, за мене е неприфатливо. Тоа претставува провокација и нема никако да придонесе кон подобрувањето на односите ниту ќе ја подобри климата во Бугарија ниту ќе ја подобри климата во Северна Македонија“,рече Спасовски.

Нашата земја, порача тој, е никната од Народноослободителната војна (НОБ) и секој граѓанин ги почитува тоа бидејќи борбата против фашизмот во тоа време е придобивка која сите ние и идните генерации мораме да ја сочуваме.

„Сметам дека сите политичари ќе мора да се свртат кон иднината затоа што е важно кога ќе носите одлуки да се носат за идните генерации притоа да не загрозиме ништо што досега го имаме. Разговор на принципиелни основи и се надевам дека ќе можеме да дојдеме до решение на прашањето“,додаде Спасовски.