Спасовски: Сумата за издавање на лажни пасоши достигнувала до 20 илјади евра

44

Сумата за издавање на лажен пасош се движела и до 20 илјади евра, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното гостување во „Утрински брифинг“.

– Осомничените издавале лажни пасоши исклучиво за пари. Сумата се движела и до 20 илјади евра – истакна Спасовски, додавајќи дека истрагата би можела и да се прошири, иако каналот на фалсификатори е пресечен.

– Не секогаш е важно само да го најдете осомничениот, туку да видите дали има поширок круг на луѓе околу него. Внатре во институцијата кругот е затворен, одиме на проширување на истрагата да ги видиме другите аспекти – објаснува Спасовски.

Во рамки на акцијата на МВР приведени се девет лица под сомневање дека изработувале пасоши за криминалци што биле барани и со меѓународни потерници. Едно лице не е пронајдено во сопствениот дом и по него ќе се трага. Спасовски на синоќешната прес-конфенција рече дека е уапсен посредник при издавање на патните исправи, припадници на МВР што работат во управните служби и контролори. Тој истакна дека истрагата се спроведувала од февруари 2019 година, а некои од пасошите завршиле и кај припадници на меѓународни криминални групи.