Спротивно на мерките против коронавирусот славеле Бајрам и веридба, ОЈО бара казни

26

Две лица славеле Курбан Бајрам, други две славеле веридба во угостителски објект, а уште 18 го прекршиле полицискиот час. Сите овие случаи се предмет на обработка на Основното јавно обвинителство Скопје.

Во првиот случај, со прославата на Курбан Бајрам, обвинителството поднело предлог за издавање казнен налог против двете лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетите постапиле спротивно на Одлуката за забрана за одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор од секаков вид, со која се опфатени и јавни и приватни собири. Тие за верскиот празник Курбан Бајрам, во дворно место од семејна куќа, организирале семејна веселба на која биле присутни од 60 до 80 гости. За обвинетите, надлежниот јавен обвинител предложи парични казни од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра во денарска противвредност“,соопштија од обвинителството.

Во случајот со веридбата, против две лица, од кои едното е косовски државјанин, обвинителството поднесе обвинителен предлог за истото кривично дело.

„Спротивно на Одлуката и протоколите за отворање на угостителските објекти за исхрана, со кои се забранува организирање прослави во отворениот и затворениот дел од објектот, тие организирале прослава по повод веридбата на синот на еден од обвинетите во угостителскиот објект во сопственост на другиот обвинет. На прославата присуствувале околу 15 гости“,велат од обвинителството.

За 18 лица кои не го почитувале полискиот час додека траеше, обвинителството поднесе предлози за издавање казнени налози. Тие се соочуваат со парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност од 20 евра.​