Србија надмина 5.000 заразени на дневно ниво, се најавуваат нови мерки

5

Во новиот корона-бран, Србија денеска надмина 5.000 нови инфекции на дневно ниво, со 23 смртни случаи и зголемување на бројот на хоспитализирани лица во последните 24 часа.

Поради ваквите бројки, здравствените власти навестуваат нови епидемиолошки мерки.

Државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Џерлек, најави дека Кризниот штаб наскоро ќе и предложи на владата две нови мерки за борба против пандемијата на коронавирус – воведување ковид-сертификати и намалување на бројот на луѓе на собири.

Во последните два месеца, во Србија се одржаа неколку манифестации и спортски настани со голем број учесници – фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, Собирот на трубачи во Гуча, „Пиво фест“ во Белград и Европско првенство во одбојка за жени и квалификациите за СП против Луксембург.

Според денешните официјални податоци на српското Министерство за здравство, од 20.443 тестирани примероци, регистрирани се 5.069 нови случаи на инфекција.

Во болниците има 1.701 ковид-пациент, од кои 121 се на респиратор, за разлика од понеделникот, кога во болниците имаше 1.479 пациенти и 108 на одделенија за интензивна нега.

Од почетокот на епидемијата, направени се 5.138.131 тест и регистрирани се 788.895 инфекции со коронавирус, додека официјално се пријавени 7.421 смртен случај.

Во однос на бројот на заразени, Србија е на 41 место на листата што ја води специјализираниот портал Worldometer, додека според бројот на смртни случаи на милион жители, се наоѓа на 75 место во светот.