Србија: Несреќа во рудникот „Соко“, загинаа осум рудари, има и заробени

4

Во рудникот за кафеав јаглен „Соко“ кај Сокобања во Србија се урнал дел од јамата, а рударите останале заробени, јавува Радио-телевизија на Србија (РТС).

Директорот на Здравствениот дом Алексинац, Родољуб Живадиновиќ, за РТС изјавил дека несреќата е голема и дека според првите информации загинале осум рудари, а околу 20 се повредени.

Тој посочува дека главно се работи за полесни повреди.

„Неколку околни центри ги испратија сите свои екипи колку што можеа, некои се транспортираат во Општата болница Алексинац. Засега имаме доволно капацитет“, додава Живадиновиќ.

Тој наведува дека нема информации уште колку рудари се заробени.

Рече и дека најголем дел од рударите се од Алексинац.

Порталот Нова.рс претходно објави дека според првите неофицијални информации загинале осум лица, а наведе дека и дошло до експлозија на метан.

Несреќата се случила утрово околу пет часот.