Србија: Од понеделник сите ученици се враќаат на физичка настава

29

Учениците од погорните одделенија и средношколците во Србија од 19 април се враќаат во училиштата со физичка настава, одлучи денеска Кризниот штаб.

Меѓу останатите мерки е и дека цената на ПЦР – тестирањето во Србија се изедначува и ќе биде иста и за српските државјани и за странците, како поддршка на туризмот. Исто така, Кризниот штаб даде зелено светло да започнат подготовките за маратонот во Белград во јуни, а конечната одлука дали тој ќе се одржи ќе зависи директно од ситуацијата. Другите мерки остануваат непроменети.

На денешниот состанок на Кризниот штаб присуствувале и српската премиерка Ана Брнабиќ, министерот за здравство Златибор Лончар, министерот за образование Бранко Ружиќ, министерката за култура Маја Гојковиќ, провинцискиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ, епидемиологот Предраг Кон, инфектологот Миомир Пелемис, имунологот Срѓа Јанковиќ и заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

Претходно, главниот епидемиолог Кон констатира дека бројот на нови пациенти се намалува, но не толку брзо како порано, а за тоа колку брзо ќе се намали бројот на новоинфицирани зависи од граѓаниите и од тоа колку тие ги почитуваат мерките.

Иако се очекуваше и одлука за отворање на внатрешните делови од кафеаните и кафулињата, засега останува мерката да работат само отворените делови, односно терасите и градините.