Срушени згради, загинати цивили: Руски ракети уништија цела населба 

14

Руските сили нападнаа неколку градови во Украина и истоварија трупи на нејзините јужни брегови, објавија украинските власти и медиуми, откако претседателот Владимир Путин одобри, како што рече, специјална воена операција на истокот.

Набргу откако Путин зборуваше на руската државна телевизија, во тишината пред зори можеле да се слушнат експлозии во главниот град на Украина, Киев.

Гранатирањето на Чугуев во источна Украина опустоши поголем дел од градот. Фотографиите од областа покажуваат уништени згради и автомобили, како и луѓе кои се обидуваат да ги подигнат остатоците од животот од урнатините. За време на гранатирањето на Чугуев загина едно лице.

 

Руските вооружени сили утринава ја нападнаа Украина од повеќе правци, користејќи ракетни системи и хеликоптери. Во исто време, копнените сили влегоа во Украина од неколку правци, соопшти граничната служба, неколку часа откако претседателот Путин ја најави воената операција.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски одлучи да ги прекине дипломатските односи со Русија и ги повика сите граѓани со воено искуство да им се приклучат на резервистите и да помогнат во одбраната на земјата.

Украинските власти соопштија дека во борбите загинале околу 50 руски војници, а биле уништени шест руски авиони, пренесува „Ал Џезира“.

Овие информации не се потврдени.

Пристигна информација и за момче загинато во источна Украина, во областа Харков, кога граната погодила станбена зграда, соопшти украинскиот Оддел за вонредни ситуации, додека други украински извори јавија за смрт на најмалку 40 украински војници и 10 цивилни загуби.