Стапија во сила новите мерки во Грција

6

Работно време до полноќ за угостителските објекти, без музика, со забрането стоење и со најмногу шест гости на маса, спортски натпревари со гледачи до десет отсто од капацитетот на стадионите и салите или најмногу 1.000 лица, работа од дома за 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор, се новите мерки во Грција кои во шест часот утрово стапија во сила, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките беа планирани за понеделник, меѓутоа откако за само два дена во земјата регистрираше над 50.000 случаи на Ковид-19, грчката Влада одлучи да го забрза воведувањето на рестрикциите што ќе важат до 17 јануари 2022 година.

Отстапка има за новогодишната ноќ, кога угостителските објекти ќе бидат со продолжено работно време до два часот по полноќ, но ќе важат истите мерки, односно дочекот ќе биде без музика и само со седење.

Од минатиот петок, маската е задолжителна и за затворените простори и на отворено, додека пак во супермаркетите и јавниот превоз задолжителна е маската со висока заштита КН95.