Стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов се чествуваше на филозофските факултети во Загреб и во Љубљана

10

Стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов се чествуваше и на филозофските факултети при државните универзитети во Загреб и во Љубљана. Професорката по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ д-р Весна Мојсова-Чепишевска одржа предавање и се промовираше антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, приредена од неа и од Иван Антоновски.

Како што соопшти Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, настанот се одржа хибридно, во организација на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности во Загреб под раководство на доц. д-р Ивица Баковиќ, во соработка со Катедрата за славистика во Љубљана, под раководство на проф. д-р Намита Субиото. Учествуваа студенти од двата универзитета, просветни работници и проучувачи и почитувачи на македонската книжевност и култура од Хрватска и од Словенија.

Според професорот Баковиќ, во годината што му е посветена на Ацо Шопов, сосема природно е во декември, месецот кога се навршуваат 100 години од неговото раѓање, да се организира еден ваков настан, и тоа токму помеѓу Скопје, Љубљана и Загреб. Ова дружење, како што рече, не беше затворено во академските и книжевнонаучни рамки, туку прерасна во вистинско дружење, или вистинско поетско попладне.

– Со предавањето на професорката Весна Мојсова-Чепишевска, сите слушатели добија прилика да се запознат со основните и клучните карактеристики на поетиката, животот и делото на Шопов, а со промоцијата на најновата антологија на младата македонска поезија, „Ново раѓање на зборот“, издание на „ПНВ Публикации“, во Љубљана и во Загреб го слушнавме и гласот, зборовите на новите генерации на македонските поети. Поетската реч на Ацо Шопов во годинава што наскоро ќе ја оставиме зад нас, навистина одекнуваше не само во Македонија, туку и во другите култури, на другите славенски и неславенски јазици. И тоа благодарение на неколкумина страствено ангажирани личности како што се нашите гости на овој настан, Јасмина Шопова, Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Уверен сум дека со крајот на јубилејната година, зборот на Шопов нема да стивне. Следната година, новите читања на старите песни пак ќе одекнат, истакна професорот Баковиќ од Универзитетот во Загреб.

Предавањето на Мојсова-Чепишевска, покрај тоа што ги опфати спецификите на различните творечки кругови на Шопов,  беше посветено и на поетиката на тишината и на поетиката на мистичното и езотеричното во творештвото на македонскиот класик, опфајаќи и малку коментирани аспекти на неговото творештво што се поттик и за натамошни истражувања.

Професорката Намита Субиото од Универзитетот во Љубљана нагласи дека предавањето на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска со голем интерес го следеле и со студентите по јужнословенски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

-Таа прегледно ни го престави творештвото на големиот поет преку четирите творечки круга, а потоа се задржа на неговата поетика –  поетиката на тишината и поетиката на мистичното и езотеричното и на објаснувањето на поимите „небиднина“ и „црно сонце“. Но, дека Шопов навистина е канонизиран поет покажа и кусата промоција на антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, објавена годинава во издание на „ПНВ Публикации“ што ни ја претставија уредничката Јулијана Величковска и Иван Автоновски кој заедно со Весна Мојсова-Чепишевска е приредувач на ова прекрасно издание, рече Субиото.

Љубопитно и внимателно, како што рече, ги ислушавме и четворицата млади поети кои се вклучија во промоцијата, бидејќи се решивме во летниот семестар да започнеме со преведување на одбрани песни од антологиијата. Спиред неа, студентите биле воодушевени што на настанот приусуствуваше и се обрати и Јасмина Шопова. Изрази благодарност на доц. д-р Ивица Баковиќ од Филозофскиот факултет во Загреб за организација.

На настанот, при претставувањето на антологијата „Ново раѓање на зборот“, во разговорот меѓу Величковска, Мојсова-Чепишевска и Антоновски, акцент беше ставен на поврзаноста меѓу поетиката на Шопов и поетиките на поновите македонски автори. Потоа, со прочит на свои песни и на свои омилени стихови од Шопов настапија и неколку од авторите застапени во антологијата – Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Марија Велинова и Стефан Костоски.

Во дискусијата, учениците ги поздрави и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб д-р Наталија Поповска, изразувајќи задоволство што јубилејот 100 години од раѓањето на Шопов се чествува и во Хрватска, искажувајќи интерес и за творештвото на авторите што го претставуваат „новото раѓање на зборот“ во современата македонска поезија.

Настанот беше заокружен со обраќање на Јасмина Шопова, ќерка и истражувач на творештвото на Шопов, од името на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“.

– Посветеноста на творештвото на Шопов, како и на творештвото на новите генерации македонски автори на универзитетските центри во Загреб и Љубљана не запира со овој настан, продолжува и со други планирани активности и во соработка со колегите од Македонија, се наведува во соопштението.