Стоилов го најави големото ракометно дерби и им испрати честитка на „Комити“: Очекувам полна сала

0

По финиширањето на репрезентативниот дел во месец март, ракометот се враќа на клупските обврски и играчите се подготвуваат за новите предизвици, а во Македонија овој викенд ќе гледаме големо дерби меѓу двата најсилни тимови во лигата.

Вардар и Еурофарм Пелистер како главни ривали за титулата ќе ги одмерат силите во „Јане Сандански“, натпревар кој ќе има голема важност и за навивачката група „Комити“ која ја стартува прославата за 35-годишнината од постоењето.

Столе Стоилов и Тимур Дибиров како најискусни во тимот на домашниот тим го најавија големото дерби со битолчани, кое може да ги доближи Вардар до нова титула во домашното првенство.

– Пред нас е натпревар кој нема да го реши првенството, но ова е меч кој може да ја подобри ситуацијата на табелата кога е во прашање титулата. Работите се променија во последно време, добро се работи во клубот по доаѓањето на Дејвис и сметам дека сме на вистинскиот пат. Сметам дека сме на добар пат да го вратиме Вардар онаму кадешто припаѓа. Во сабота очекуваме голема поддршка од навивачите, „Комити“ слават 35 години и честитки за овој јубилеј. Се надевам дека со полна сала ќе го добиеме овој дерби меч, – изјави капитенот Стоилов.

– Новиот шампион нема да биде решен после овој натпревар, до крајот има уште многу натпревари. Сепак, дуелот против Пелистер е многу важен, кој ќе победи, ќе има предност во продолжение. Го респектираме противникот, очекуваме тежок меч, но играме дома и очекуваме победа со голема поддршка од навивачите кои навистина сакаме да ги израдуваме, – изјави Дибиров.