Стоилов и Радичевска се најуспешни спортисти на Град Скопје за 2019

5

Ракометарот на Вардар, Стојанче Стоилов и каратистката на Макпетрол, Сара Радичевска се избрани за најдобри спортисти на Град Скопје за 2019 година.

Вардар и оваа година доминираше во доделувањето на наградите за најдобрите спортисти на Град Скопје.

Стојанче Стоилов ја доби наградата за најдобар машки спортист, додека Даинис Криштопанс беше прогласен за најуспешен странец спортист кој настпува во екипа од Скопје.

Ракометниот клуб Вардар кој ја освои Лигата на шампионите ја доби наградата за најуспешна спортска екипа.

За најуспешна спортистка на Скопје е прогласена Сара Радичевска од карате клубот Макпетрол која го освои второто место на Европските универзитетски игри.

Најуспешен млад спортист е Бесир Алили од боречкиот клуб Лирија, тој го освои првото место на Европското првенство за кадети. Лирија доби уште една награда, тренерот Суфијан Исмаили е прогласен за најдобар тренер.

Наградата за најталентиран млад спортист ја доби тенисерката Александра Симева која победи на два големи меѓународни турнири.

Во категоријата за најуспешен спортист од лица со посебни потреби, најдобар е Марио Мицковски кој освои прво место во пливање на 50 метри слободно и прво место на 25 метри грбно на Летните олимписки игри на Специјалната олимпијада.