Столтенберг: НАТО испраќа дополнителни трупи, над 100 авиони се во борбена готовност

4

Претставниците на НАТО се согласија да распоредат сили за одговор на источното крило на Алијансата, поради кризата во Украина. Ова го соопшти Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО. Тој додаде дека над 100 авиони се во борбена готовност.

„Одбранбениот механизам на НАТО е активиран, што ни дава поголема слобода да преместиме војници и да ги испраќаме таму каде што е потребно“, рече Столтенберг на брифингот во Брисел.

Нагласи дека потегот на НАТО е одбранбен, и дека Алијансата не сака конфликт. Столтенберг рече дека Русија ја затворила вратата за политичко решение.

„Ова е реалност која има сериозни безбедносни импликации, па затоа го зголемивме нашето присуство во источниот дел на Алијансата“, рече Столтенберг.

Претседателот на Русија, Владимир Путин синоќа во специјално обраќање до граѓаните на Русија соопшти дека донел одлука да започне специјална воена операција во Донбас. Шефот на државата посочи дека руските планови не вклучуваат окупација на Украина. Путин ги предупреди и сите оние кои евентуално би можеле да се мешаат во ситуацијата во Украина.

„Неколку многу важни зборови за оние кои би можеле да бидат во искушение да се мешаат во настаните што се случуваат: кој ќе се обиде да не попречи, згора на тоа, да создаде закани за нашата земја и народ, треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде итен и дека ќе доведе до такви последици со кои никогаш не сте се соочиле во вашата историја“, истакна Путин.