Столтенберг ќе го продолжи мандатот поради војната во Украина?

3

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е подготвен да прифати продолжување на мандатот на чело на Северноатлантската алијанса за уште една година поради војната во Украина, соопштија денеска норвешкиот јавен сервис ТВ2 и дневниот весник „Дагенс Нерингслив“.

Мандатот на Столтенберг истекува на 1 октомври, а тој требаше да ја преземе улогата на гувернер на централната банка во Норвешка на крајот на 2022 година, потсетува „Ројтерс“.

Но, на прашањето дали може да остане во НАТО, Столтенберг рече дека таква одлука мора да донесат земјите членки на алијансата. Минатиот месец норвешката влада ја назначи заменичката на централната банка, Ида Волден Бахе, за гувернер на девет месеци, а Столтенберг требаше да ја преземе таа функција на крајот на 2022 година.

Генералниот секретар на НАТО денеска изјави дека секој напад на Русија со хемиско оружје врз Украина ќе го промени текот на војната, но не кажа дали НАТО во тој случај ќе преземе воена акција.

Прашан дали нападот со хемиско оружје е црвена линија за НАТО, Столтенберг рече дека нема да шпекулира „надвор од фактот дека НАТО е секогаш подготвен да се брани, заштити и да реагира на секаков вид напад врз сојузниците на НАТО“, пренесува АП.

Тој додаде дека секоја употреба на хемиско оружје суштински ќе ја промени природата на конфликтот.