Студенти по медицина ќе им помагаат на епидемиолозите во собирање податоци од позитивни на ковид-19

69

Студентите од шеста година на Медицинскиот факултет од денес ќе им помагаат на епидемиолозите во Центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети. Бројката на нови заразени од ковид-19 е во голем раст изминатиов период.

„Причината зошто овие денови доцнат статистичките податоци е заради тоа што навистина епидемиолозите не можат да постигнат, со оглед на големиот број на анкетни листови коишто се пополнуваат. И затоа студентите во рамките на својот стаж ќе се приклучат и ќе помагаат во овој дел. Нивниот ангажман ќе биде во телефонска комуникација со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците “, вели министерот за здравство Венко Филипче и додава дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на ковид-19.

Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеци по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје.

„Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје која ја извршуваат во шестата година од студиите и истата ќе им биде признаена“, вели проф. д-р Соња Топузовска, деканка на Медицинскиот факултет во Скопје.