Сугарески ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за блокирање на Законот за дивоградби, Затуроска удри по Сугарески

11

ВМРО-ДПМНЕ намерно со поднесување околу 1.000 амандмани, ги кочи законските решенија со кои се обидуваме да ги задоволиме потребите на граѓаните, изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, откако вчера собраниската Комисија за транспорт и врски ја запре расправата за Законот за легализација на дивоградби.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со ова свесно го закочија законот, со мала веројатност тој да се изгласа пред распуштање на парламентот. Со тоа оставија преку стотина илјади граѓани во неможност да си ги легализираат нелегално изградените објекти. Со овој закопн планирано е да се легализираат објектите на граѓаните кои со години не можат да ги легализираат, а не како законот што го донесе ВМРО-ДПМНЕ за легализација по едно евро заради легализација на хациендите на политичките моќници на партијата. Од овој закон намерно ги изземавме од легализацијата зградите – рече Сугарески.

Поднесените амадмани, според Сугарески, не претставуваат подобрување на текстот на законот, иако како што рече, сѐ уште не ги разгледал амандманите.

– Мислам дека дел од нив се однесуваат на цената на легализација на објектите, но ќе ги видам денеска амандманите – рече Сугарески.

Претседателката на Комисијата Лилјана Затуровска веднаш по прес-конфернецијата на Сугарески изјави дека опозицијата не е против донесување на законско решение, но бара тоа да се донесе по нормален пат, а не по брза постапка. Според неа, спорен е и датумот до кој се продолжува легализацијата на дивоградбите 1 октомври 2019 година.

– Се прашувам чии апетити задоволува Сугарески со ваков несериозен закон. Да носите еден сериозен закон по скратена постапка и да не дозволите широка јавна расправа, сметам дека се недолични изјавите на министерот кој вината ја префрла на ВМРО-ДПМНЕ – рече Затуроска.

И таа, како и Сугарески, не знаеше која е содржината на амандманите и дали со нив се подобрува законското решение.

Со предлог-законскто решение за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година, ќе се плаќаат 100 проценти комуналии за објектот, како и казна во износ од 50 проценти од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.

За оние кои поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација ќе се плаќа по евро за квадратен метар.

Предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и нивните доградби и надградби.