Судот нареди итни прегледи за Боки 13 на Клиника за да дознае дали е здрав или не

10

Бојан Јовановски денеска не беше стражарно спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Кривичниот суд. Причина за ваквата постапка се прегледите кои му биле спроведени на Јовановски од затворскиот лекар. После изминати 80 минути откако судијката во предметот Васка Николовска-Масевска даде принудна пауза додека стражарно се спроведи Јовановски во суд, судијката извести дека од затворот добила известување дека Јовановски не е способен да го следи денешното рочиште.

– Судот даде наредба тим од лекари од Клиничкиот центар да го прегледа дали е способен тој да биде детално прегледан и да добие јасна „слика“ дали Јовановски е способен или не да го прати процесот – изјави судијката Васка Николовска-Масевска.

Застапник на обвинението е Вилма Русковска. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание”. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.