Сeверна Македонија најмногу пребарува на „Гугл“ за „Оскарите“

8

Северна Македонија е на прво место во светот по пребарувања на „Гугл“ за теми поврзани со доделувањето на „Оскарите“ што ќе се одржи в недела, 9 февруари во Лос Анџелес.

„Гугл трендс“ на „Твитер“ објави дека Северна Македонија, татковината на „Медена земја“ кој е номиниран за „Оскар“, е прво место во светот од каде што најмногу се пребарува на „Гугл“ за „Оскарите.

Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е номиниран во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Ова е првпат во историјата македонски филм да биде номиниран во две категории за „Оскар“.

Што се однесува до другите најпребарувани зборови и категории за „Оскарите“, состојбата е следна – од номинираните филмови за главната награда најгуглан е јужнокорејскиот „Паразит“. Од номинираните во категориите најдобар актер и актерка најпребарувани се Скарлет Јохансон и Леонардо ди Каприо.

Најпребарувано прашање поврзано со Оскарите е „Кога се Оскарите?“, а второ е „За што има добиено Коби Брајант Оскар?“.