Таравари: Во новото мнозинство ќе има и пратеници од СДСМ и од ДУИ

7

Наспроти изјавата на генералниот секретар на Алијансата дека се преговара и со други пратеници од досегашното владејачко мнозинство, во меѓувреме пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива изјави дека се залага за уривање на власта, но тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на ист список на кој се пратениците од Левица
Арбен Таравари, старо-новиот градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, тврди дека опозициските партии во парламентот преговараат и со пратеници на владејачките СДСМ и ДУИ за изгласување недоверба на актуелната влада. Разговорите со овие пратеници, како што вели, биле на нивна иницијатива.

Господинот Заев на 31 октомври вечерта најави дека ќе поднесе оставка и во партијата и од премиерската функција. Се надевам дека оставката ќе биде процесирана и нема да има потреба од гласање доверба на Владата. Се надевам дека во новото мнозинство ќе има пратеници на СДСМ и на ДУИ. Ова ви го гарантирам, само не знам дали ќе се оди со недоверба на Владата или Заев денеска ќе даде оставка. Според некои информации што ги имам, денеска Заев сам ќе даде оставка, така што ова ги олеснува процедурите за почеток на преговори за формирање нова влада“,

изјави денеска Таравари додека тече рокот до 14:30 часот што Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ му го постави на Заев за поднесување на оставката во парламентот.

Според Таравари, евидентно е дека бродот на Заев тоне, СДСМ е целосно поделен и, како што вели, веќе не се знае кој ја води партијата.

„Вчера го слушнавме Ахмети дека е спремен да разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Значи, нема нешто против ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи цела кампања беше против оваа партија и ова ме радува. Јас мислам дека дефинитивно ДУИ ќе биде во опозиција за две-три недели. Мислам дека ДУИ е канцер на општеството и со нејзино заминување во опозиција се раѓа една надеж, особено кај Албанците. Ние преговараме и со пратеници на СДСМ и на ДУИ, не по наша иницијатива, туку по нивна. Тие побараа да се сретнеме и побараа некои гаранции“,вели Таравари

Наспроти изјавата на Таравари дека се преговара и со други пратеници од досегашното владејачко мнозинство, покрај тројцата пратеници од Беса, во меѓувреме пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива, која е во коалиција со Алијансата за Албанците, денеска во изјава за ТВ Алсат го потврди ставот за кој веќе два дена се шпекулира во јавноста. Тој појасни дека се залага за уривање власта, но е дециден дека тоа нема да го стори по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.