Министрите за надворешни работи на Италија и Австрија денеска во Сараево ги повикаа политичарите во Босна и Херцеговина да ја искористат оваа година како можност за напредок на нивната земја на патот кон европската интеграција откако пред три месеци и беше доделен статус на кандидат за членство во Европската унија.
Шефовите на италијанската и австриската дипломатија, Антонио Тајани и Александар Шаленберг, заедно престојуваа во официјална посета на БиХ и се сретнаа со министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, членовите на Претседателството на БиХ и со претседавачот на Советот на министри, Борјана Кришто.
Тие на новинарите им рекоа дека Западен Балкан е приоритет за Рим, како и за Виена, а тоа сакаат да го докажат со конкретна помош.
– Сакаме да ја зајакнеме соработката и да ја обезбедиме сета потребна поддршка за полноправно членство во Унијата, рече Тајани, додавајќи дека сака да испрати јасна политичка порака за пријателството со Босна и Херцеговина и со целиот регион.
Тој потсети и на проблемот со илегалната миграција, што е отворено прашање и за Италија, па ја повика Босна и Херцеговина да покаже поголема ефикасност во справувањето со тоа прашање. Тој рече дека Италија е подготвена да прифати поголем број легални мигранти, но е решена да се бори против трговијата со луѓе.
Неговиот австриски колега Шаленберг рече дека нивната заедничка посета, иако невообичаена, е силен доказ за посветеноста кон регионот. Тој повтори дека Босна и Херцеговина сега има можност што не треба да ја пропушти ако сака да биде членка на ЕУ, а Унијата секако го сака целиот Западен Балкан како членка.
– Вистина е дека сме во поинаква геополитичка ситуација по руската агресија врз Украина, рече Шаленберг.
И тој и Тајани му ја дадоа потребната поддршка на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, опишувајќи го како сериозен и одговорен политичар кој се обидува да и помогне на земјата.